Свет
11. May 2020 - 10:00

Белата куќа демантира дека Мајк Пенс е во самоизолација

Белата куќа ги демантираше информациите дека потпретседателот на САД Мајк Пенс е ставен во карантин откако неговата соработничка беше заразена со корона вирус.

Портпаролот на американскиот потпретседател Девин О`Мали рече дека Пенс ќе дојде на работа во понеделник како вообичаено затоа што има негативни тестови на корона вирус секој ден.

„Потпретседателот Пенс ќе продолжи да ги следи советите на медицинскиот тим на Белата куќа и не е во карантин“, рече тој.

На портпаролката Кејти Милер во петокот ѝ беше констатиран корона вирусот, а таа е втор случај на заразен по маринецот во служба на претседателот Доналд Трамп, кој има позитивен тест на корона.

Пенс и Трамп се тестираат секој ден.

Три членови на тимот на Белата куќа за борба против корона вирусот остануваат во изолација поради можно изложување на вирусот, јавија во саботата американските медиуми.

Под мерка изолација е епидемиологот Антони Фаучи, директорот на Центарот за превенција од заразни болести Роберт Редфилд и директорот на Сојузната агенција за лекови Стивен Хан.

Во епидемијата во САД починаа речиси 80.000, според податоците на референтниот Универзитет „Џон Хопкинс“.