Свет
20. July 2017 - 9:58

Белата куќа: Апсурдно е да се преправаат дека состанокот на Трамп и Путин беше таен

Белата куќа синоќа соопшти дека вечерата за државниците каде, за време на самитот на групата Г-20 во Хамбург претходно месецов присуствуваа претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, била дел од програмата на самитот и оти е „апсурдно да се преправаат дека состанокот меѓу Трамп и Путин бил таен“. 

Белата куќа оцени дека „смешна е помислата оти Трамп можел да оствари приватен разговор со Путин кога повеќе од 40 лица биле присутни на вечерата што ја организираше Г-20“. 

ТАСС јави дека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во изјавата за телевизија „Канал 1“ по повод известувањата во американските медиуми дека Путин одржал непријавен состанок со Трамп во рамките на самитот на Г-20 во Хамбург, истакна дека „тие не се за верување“ и дека „предизвикуваат конфузија“. 

- Одржан е билатерален состанок официјално договорен преку дипломатски канали, а потоа во рамките на самитот тие неколкупати размениле зборови и ставови. Не се случил ниту таен, ниту непријавен состанок. Апсурдно е тоа да се тврди, истакна Песков.

Американскиот претседател Доналд Трамп демантираше денеска дека со Путин одржал состанок двапати на самитот на Г-20 во Хамбург, нагласувајќи дека оваа лажна вест е „болна“. 

- Лажната вест за тајната вечера со Путин е „болна“. Сите лидери и сопруги беа повикани од страна на германската канцеларка Ангела Меркел. Медиумите го знаеа тоа, напиша Трамп на неговиот Твитер налог. 

Тој наведе дека лажните вести стануваат се понечесни, додавајќи дека се е направено така што дури и вечерата на 20 - те лидери во Германија треба да изгледа како „злосторство“. 

Белата куќа денеска соопшти дека Путин и Трамп имале „краток разговор на крајот на вечерата“, за време на самитот во Хамбруг, но дека тоа не може да се нарече „долг состанок“.

Претходно, американските медиуми јавија дека анонимен преставник на Белата куќа навел дека рускиот и американскиот претседател за време на самитот на Г-20 одржале два состаноци.