Свет
10. April 2018 - 10:03

Бела куќа: Русија не ја почитува обврската Асад да стави крај на хемиската програма

 Белата куќа ја обвини Русија дека не ја почитува обврската која ја презела, оти ќе стави крај на сириската програма за хемиско оружје, во контекст на нападот во Сирија во текот на викендот, за кој постои сомнеж дека е извршен со хемиско оружје.
 
Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека тој напад е во согласност со шемата за користење на хемиско оружје, која ја воспоставил претседателот на Сирија, Башар ал-Асад, како и дека Русија и Иран, исто така, сносат одговорност за материјална помош на владата во Дамаск.
 
- Сега е јасно оти Русија ги предаде обврските дека ќе го гарантира крајот на сириската програма за хемиско оружје на сирискиот режим, рече Сандерс.
 
Претседателот на САД, Доналд Трамп претходно синоќа јавно го осуди „нападот со хемиско оружје“ на сирискиот град Дума, нарекувајќи го „гнасен" и најави дека потенцијалниот одговор ќе го објави во следните 24 до 48 часа.
 
Руската армија во исто време соопшти дека не открила хемиски напад во Дума во која загинаа десетици луѓе. Министерството за одбрана на Русија соопшти дека лекари на руската армија ги испитувале пациентите во болница во Дума и дека не откриле симптоми на труење со хемиско оружје.
 
Дума е последниот град во областа Источна Гута, кој е под контрола на бунтовниците, а сириската војска во петокот започна жестоки напади, во кои загинаа десетици луѓе.
 
Сириската бунтовничка група Џаиш ал Ислам ги обвини во саботата владините сили дека фрлиле буре-бомба со отровни хемикалии врз цивили во Дума и оти затрѕле повеќе од 500 луѓе.