Свет
25. September 2017 - 21:22

Бела куќа: Апсурдно е тврдењето дека САД објавиле војна на Северна Кореја

САД не и објавиле војна на Северна Кореја, изјави денеска Сара Сандерс, портпарол на Белата куќа, дополнувајќи дека таквото тврдење е апсурдно.

Изјавата доаѓа откако претходно денеска, севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Џонг-хо го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека и објавил војна на неговата држава.

- Светот треба да запомни дека САД први објавија војна, потенцираше Ри.

Портпаролката Сандерс одговори и на изјавата на севернокорејскиот министер дека неговата земја го задржува правото да ги собори американските бомбардери, па дури и кога не се наоѓаат во воздушниот простор на Северна Кореја.

- Никогаш не е соодветно за една земја да ги собори авионите на друга земја над меѓународниот воздушен простор, потенцираше Сандерс.