Бизнис
25. March 2019 - 11:12

Бектеши: НАТО носи сигурност, годинава очекуваме нов рекорден раст на инвестициите

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за локалната телевизија „Гура“ зборуваше за економската ситуација во земјава, странски директни инвестиции и политиките што ги креира Владата за нивно привлекување, како и влијанието на стабилноста на државата на нивото на инвестиции – постоечки и потенцијални.
 
Бектеши нагласи дека влезот во НАТО ја осигурува стабилноста и безбедноста на државата што придонесе за рекорден раст на инвестициите од над 624 милиони евра, од кои најголем дел се од ЕУ, САД и Турција, што ги отвара вратите за нови и добро платени работни места, зголемен животен стандард и постепен економски раст. Истакна дека за годинава очекуваме нов рекорден износ на инвестиции, околу една милјарда евра и над 30 големи компании.
 
Тој зборуваше за програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2018 поддршката за компаниите ја зголемивме, односно бизнис субјектите имаа на располагање 47 милиони денари и со неа обезбедивме поддршка на развојот на над 150 претпријатија.
 
Годинава фирмите имаат дури нешто над 53 милиони денари, поделени во дел за мали и средни претпријатија, за кој се веќе активни неколку мерки, дел за индустриска политика, каде поддршка ќе добијат субјектите од преработувачката индустрија, дел за кластерско здружување и нов дел за општествено-одговорно работење, рече министерот за економија Бектеши.
 
Во продожение тој зборуваше за трендот на растот на БДП кој е позитивен, што, според него, потврдува дека владините економски политики се правилно поставени и дека добро обмислените мерки во сите сектори ги даваат очекуваните резултати.
 
– Растот на БДП во четвртиот квартал на 2018 година изнесува 3,7 отсто, додека невработеноста ја проби психолошката граница од 20 отсто, односно падна на 19,4 отсто, што претставува намалување од 3,6 проценти за само една година, односно креирани се 26.600 работни места во текот на изминатата година, рече тој.
 
Истакна дека растот на БДП се базира на раст на градежништвото, што е вратено во нормала, со раст од 19,6 отсто во четвртиот квартал, растот на финалната потрошувачка, како и извозот на стоки и услуги.
 
– Индустрискиот раст во јануари 2019 година бележи раст од над 12 отсто, што ни дава за право да кажеме дека економијата на Република Северна Македонија има светла иднина и дека создаваме силна економија, бидеќи ние сме убедени и очекуваме дека растот на БДП годинава ќе изнесува над 3,5 отсто, рече меѓу другото министерот Бектеши.