Македонија
20. September 2021 - 9:59

Беќаровски: Да не бевме тврдоглави Балканци со 37% вакцинирани ќе имавме помалку гробови и расплакани семејства

Бројот на починати во Македонија од ковид-19 надмина 6.437. Ако оваа бројка не Ви изгледа страшно, замислете за само една и пол година да ни ги снема Крушево и Вевчани. Премногу болно, премногу тажно.А дали можеше да биде помалку тажно?, реагира на Фејсбук д-р Нико Беќаровски.

„Да ги заборавиме на момент протоколите, кои според едни се премногу лабави, според други премногу рестриктивни, да ги заборавиме и здравствените работници, кои според едни се убијци, според други се херои, да го заборавиме и министерот кој за некои е брилијантен, за други неспособен, да ги заборавиме и свадбите, журките, кафеаните, неодговорните граѓани, за момент да ги заборавиме и нечистиот воздух, нездравата исхрана, дијабетот, дебелината, хипертензијата итн. Дали можеше оваа црна бројка да е барем сива ???

ДА, СЕКАКО !!!

Во Македонија од почетокот на јули вакцинацијата е слободна, без никакви термини и секој може да се вакцинира.

Во периодот од 10-ти август околу 1.000 наши невакцинирани граѓани починаа од ковид-19, а можеа ако сакаа да бидат комплетно вакцинирани.

Сите досега објавени студии укажуваат дека ризикот од смртен исход кај вакцинираните е најмалку 11 пати помал.

Место 1.000 нови гробови и расплачени семејства, тој број ќе беше помал од 90.

Вчера починаа 42. наши граѓани, а не мораа, само МАЛКУ ДА И ВЕРУВАА НА НАУКАТА.

А можете ли само да замислите колку поубав и посончев ќе беше овој септемвриски ден, да бевме свесни како Данците и да имавме 81% вакцинирани, а не тврдоглави Балканци со само 37% вакцинирани“, пишува д-р Беќаровски.