Македонија
7. јуни 2017 - 16:37

Бејли: САД ги поддржуваат заклучоците од Букурешт – решение за името, па членство во НАТО

Амбасадорот на САД во земјава не сака да коментира дали е возможно Македонија да стане членка на НАТО под привременото име. Бејли вели дека ги поддржуваат македонските евро и евро-атлантски интеграции, но и дека стојат зад заклучоците од самитот на Алијансата во Букурешт.

,,САД од секогаш го поддржуваат тоа што е заклучено на Самитот во Букурешт, што значи дека ние ќе поддржиме взамено прифатливо решение за тоа прашање. Затоа, нема да кажам кое е тоа решение. Сметаме дека е добро што Македнија има комуникација со Грција и со другите во соседството, што може да биде само полезно. Нема да зборувам каков може да биде исходот од тие разговори, тоа е работа на партнерите. Тоа што можам да кажам е дека САД силно ги поддржуваат аспирациите на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ‘‘, изјави Бејли.

Во меѓувреме, грчкиот Премиер Ципрас потврди дека вчера телефонски разговарал со Премиерот Заев за прашањето за името, евро-атлантската перспектива на Македонија, и можностите за развивање на билатералните односи.

Ципрас на официјалната страница соопшти дека уште еднаш ги повторил грчките позиции во однос на спорот за името, а размениле мислења и за промовирање на мерките за градење доверба, како и за состојбата во регионот.

Од друга страна грчките медиуми јавуваат дека американскиот амбасадор во Атина Џефри Пјат вчера имал средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, пред неговото заминување во Вашингтон да реферира пред Стејт Департментот.

Според пишувањата спорот за името бил централа тема. Коѕијас наводно побарал САД да запрат со едностраниот притисок за унилатерални отстапки од страна на Грција, бидејќи тоа не помага за решавање на проблемот, туку побарал тој да се насочи кон Скопје заради решавање на спорот и пристапување на Македонија во НАТО и ЕУ. Според извештаите, Коѕијас од првата средба со новиот шеф на македонската дипломатија Никола Димитров, за кого се тврди дека има американска поддршка,  очекува предлог за можно сценарио и конструктивен предлог за името.

Според најавите, а по поканата од Коѕијас двајцата министри набрзо се ќе се сретнат во Атина.