Македонија
13. October 2016 - 13:48

Бејџан Иљас, нов министер без ресор во техничката Влада

 Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 124. седница на предлог на премиерот за спорведување на предвремените парламентарни избори Емил Димитриев, за министер без ресор го избра Бејџан Иљас. Претходно пратениците од оваа функција го разрешија Фуркан Чако.

Премиерот за спроведување на изборите Димитриев образложи дека Демократската партија на Турците во Македонија до него доставила допис со барање за замена на министерот без ресор со ново лице со образложение дека со него ќе има поефикасно функционирање на овој ресор којшто главно работел на соработката со Турција.

Иљас, по професија е лекар специјалист вработен во Клиничката болница во Тетово, советник во Општина Теарце и заменик претседател на Демократската партија на Турците. 

Претходно координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески бараше тргање од дневен ред одлуките на Комисијата за избори и именувања и за избор на заменици на народниот правобранител, како и за ратификација на договорите за основање на Фонд за Западен Балкан и на Регионална канцеларија за младинска соработка. Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да си вдомат свои партиски кадри и оти вчера владејачките партии покажале дека бегаат од избори, неприфаќајќи го предлогот на опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека веднаш после гласањето за Буџетот за 2017 година, пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ ќе гласаат за избори. - Од понеделник ќе се тргне на избори и вие ќе си ја добиете лекцијата, рече Димовски.

На обвинувањата на Сугарески одговори и Талат Џафери од ДУИ, којн рече дека опозицијата нема право да ги залажува граѓаните да прави лакрдија. Тоа што Сугарески побарал тргање на дневен ред на Фондот за Западен Балкан и за Регионална канцеларија за младинска соработка го покажува, како што кажа, вашиот однос кон членовите на Извршниот одбор на СДСМ Мухамед Зекири и Едмонд Адеми. 

Пратениците не го прифатија ниту предлогот на Павле Трајанов на дневен ред да бидат ставени и измените на Законот за заштита на сведоци и за СЈО.   

На дневен ред на оваа 124. седница се повеќе предлог одлуки именување членови на одбори и комисии, заменици на народниот правобранител, одлука за испраќање на припадник на АРМ за учество во мировна операција на Европската Унија, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, како и одлука за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан. 

Пратениците треба да се изјаснат за Предлог на одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија. На дневен ред се и Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за соработка за прашања од областа на Европската интеграција, помеѓу Владата на Република Македонија, претставена од Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Косово, претставена од Министерството за европска интеграција, Предлог на закон за ратификација на Договорот за основање на Фонд за Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за заемна заштита на класифицирани информации, Предлог на закон за ратификација на Договорот за основање на Регионална канцеларија за младинска соработка,  Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, Дополнет предлог на закон за вработување на сто најдобри дипломирани студенти на јавните универзитети во Република Македонија, двата во второ читање.

Беа предложени и неколку закони по скратена постапка и тоа Предлог на закон за даночни, царински и други фискални погодности во врска со одржувањето на УЕФА Супер Куп 2017 во Република Македонија, Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), како и измени и дополнувања на Законот за вршење на сметководствени работи, на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за данокот на добивка, на Законот за спортот, на Законот за внатрешни работи, на Законот за градежно земјиште, на Законот за поштенските услуги и на Законот за одликувања и признанија на Република Македонија. Во прво читање се законите за измени и дополнувања на Законот за иновациската дејност и на Законот за банките.