Балкан
3. March 2016 - 13:42

Бегалската криза нема да ја олесни должничката ситуација на Грција

„Договореното мора да се спроведе“ порачува германското Министерство за финансии по медиумските извештаи дека поради огромниот број бегалци кои што се наоѓаат на грчка територија, официјална Атина би можела да добие олеснителни услови за враќање на долгот и олеснети мерки за штедење, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Дел од германските медиуми деновиве тврдат дека во игра се неколку сценарија, меѓу кои е вклучено и она за „флексибилност“ во кратењето на пензиските фондови кој е еден од најголемите проблеми на Атина во пакетот за штедење, но германски владини претставници појаснуваат дека флексибилноста може да се спроведе само во рамки на постоечките програми.

Можноста за олеснување на грчката должничка позиција која што е тешка и без бранот бегалци, се појави откако канцеларката Ангела Меркел во интервју за АРД најави дека ЕУ не смее да ја остави Грција сама да се бори со кризата и дека не смее да се очекува тоа да се случи сега откако минатата година беше постигнат тежок договор за штедење.

Претставници на ЦДУ на Меркел објаснуваат дека Атина може да добие поддршка во битката против бегалската криза но тоа нема да и ја олесни обрврската да ги плати долговите и да продолжи со штедење.

Дури за олеснувањето да се согласи министерот за финансии Волфганг Шојбле кој лани инсистираше Грција да продолжи со исцпрувачките мерки за штедење, финална одлука за тоа мора да даде германскиот парламент каде што во моментов нема реални шанси за изгласување на ваква одлука.