Македонија
21. March 2019 - 16:24

Беџети нема да ги легализира, но нема ниту да ги урива платформите на Матка

Платформите на Матка нема да бидат легализирани, но нема ниту да бидат урнати. Градоначалникот Блерим Беџети тврди дека овој проблем го наследил и постои со години. За трите платформи вели се бесправни но за нив поднесени се барања за легализација. Беџети не е за брзи решенија и потенцира дека мора да се има предвид дека почнува сезоната на Матка.  Дополнително вели дека ќе ги почитува процедурите  бидејќи не сака некој од подносителите да ја тужи општината. Беџети и покрај снимките на медиумите дека новата платформа секојдневно се гради тврди дека службите на општината констатирале нешто друго.

- Моите служби ме известиле дека во двете платформи имало процес на менување на даски. Јас морам да работам согласно закон .Кога ќе каже законот ќе ги урнеме согласно законските постапки. За да не утре да се тужи општината. Можете да одиме заедно и да ме уверите дека се гради. Моите служби друго ми велат, изјави Беџети.

Беџети ги соопшти  барателите на легализација за трите платформи. За платформата на ресторанот легализација побарале Федерација за планински спортови, за онаа каде се изнајмуваат кајаци вели дека има и тврда градба и барање поднел Амед Саиди. За третата која се изгради пред очите на јавноста додека институциите си префлаа одговорност, градоначалникот рече дека легализација барал извесен Исмаил Саиди. Беџети посочи дека проблемот со платформата некој го создал а прстот го впери во колегата Шилегов кој сакал да му ги одземе на сила ингеренциите за Матка.

-Убеден сум дека ќе продолжи тоа натегање за надлежностите на Матка. Таа е поодамнешна , со овие маки се мачел и претходниот градоначалник. Телефонски ми рекоа дека без моја согласност ќе отворат јавно претпријатие. Не случајно реков нека заборават на такво нешто. Не може ни градот ни петре на своја рака да зима надлежност, во оваа држава има закони и сме должни да ги почитуваме, смета Беџети.

Од градот реагираат на ваквите тврдења на Беџети и велат дека во изработка е закон со кој ќе се заштити Матка во економска и еколошка смисла.Со ова решение управувањето со кањонот нема да зависи од ниту еден градоначалник. 

Министерот за транспорт најави средби со сите инспекторати за да  утврди чија е надлежноста .

Иако барањата за легализација се ипратени од минатата година, градоначалникот вели дека се уште не ги одбиле бидејќи законот не ги брза со рокови. Инаку претходно Беџети најавуваше дека во пакет ќе се бара решение за трите платформи.