Македонија
15. November 2017 - 8:39

Бечев: Балканот и Македонија не се приоритет за Москва

Балканот и Македонија не се приоритет за Москва. Но, овој регион секогаш се одликувал со нестабилност и претставува слаба точка во евроатлантскиот безбедносен систем, а Русија тоа го користи и реализира некаков притисок, вели Димитар Бечев, експерт за Русија, истражувач во Центарот за словенски и евроазиски студии на Универзитетот во Северна Каролина, и соработник во Атлантскиот совет во Вашингтон.

- Од друга страна, Москва смета дека Запад се меша во нејзината сфера на влјание, во земји како Молдавија, Грузија и Украина, и нејзините акции на Балканот се одговор на зголемената улога на западните центри во овие земји. Меѓутоа, Москва нема некоја долгорочна стратегија во регионот и само ја користи слабоста на Западот, прави проблем на западните фактори и спречува проширување на евроатланстките институции. За Русија, Балканот не е некој приоритет и Москва овде не вложува такви средства како во Украина или во Сирија на пример. Но, од друга страна, во овие земји многу полесно може да влијае бидејќи антизападното расположение овде е многу поизразено, вели Бечев.

Бечев во интервјуто се осврнува и на медиумската помпа што се крена околу наводите за закани по живот на македонскиот премиер Зоран Заев.

- Во однос на наводната информација за атентат и целата работа со руското влијание во Македонија, тоа е многу темна тема. Од македонското разузнавање можеби имаат некои информации, но прашање е дали ќе бидат обелоденети. Ние не знаеме со какви ресурси располагаат Русите во Скопје и какви планови имаат. Знаеме само дека е зголемен персоналот на руската амбасада и тоа е индикатор. Не се знае дали имале некакви ангажмани со претходната влада и дали играле некаква игра. Очигледно е дека политичкиот естабилишмент во Македонија не знае конкретни работи за Русија. И кога анимозитетот спрема западните институции се зголемува тие секогаш гледаат алтернатива во Русија. Тоа е механизмот што работи на Балканот. Како во Србија и Црна Гора, така и во Македонија и Бугарија, вели Бечев во интервјуто за МИА што ќе биде објавено во наредните денови.