Балкан
28. јуни 2017 - 9:01

Баша ја замрзна својата функција лидер на демократите

Лидерот на албанските Демократска партија, Љуљзим Баша, најави дека ја замрзнува својата партиска функција, по лошите резултати на демократите на парламентарните избори.

Како што јави дописникот на МИА, Баша соопшти дека ќе ја „замрзне“ функцијата се до новите избори во партијата и оти надлежностите привремено им ги отстапува на Едмонд Спахо и Ридван Боде.

- Признание за граѓаните што гласаа за нашиот проект, изјави Баша во своето прво обраќање до јавноста по пораз на партијата на парламентарните избори, на кои демократите освоија 43 пратенички мандати или седум помалку во однос на изборите од пред четири години.

Баша упати тешки обвинувања дека овој изборен процес бил под закана и оти имало „масовно купување гласови со пари од дрога“.

- И покрај сите напори кои јас и Демократската партија ги вложивме, криминалот, валканите пари и притисокот врз државата не престанува. Купувањето гласови беше масовно. Ова беше нерамноправен натпревар. Натпревар во кој јас не ни помслував да конкурирам со идентични средства, рече Баша оценувајќи дека поразот на демократите е резултат токму на тој факт.

Оние граѓани кои не сакаа да го продадат гласот, посочи Баша, се поттик да не застанеме на патот на иднинта на Демократската партија.

Со ова Баша, индиректно стави до знаење дека тој нема да поднесе оставка на лидерската функција во партијата, иако многу негови сопартијци побара да се повлече од местото лидер, обвнувајќи го дека е главен виновник за изборниот пораз.