Фудбал
24. April 2019 - 12:16

Барса победи и без Меси

Ернесто Валверде можеше да си дозволи да му даде одмор на Лионел Меси пред полуфиналето на Лигата на шампионите со Ливерпул и да го пушти во игра во финишот на мечот, откако Барселона беше пресилна за Алавес и стигна до 2:0 гостинска победа.

По повеќето пропуштени шанси во првото полувреме, 21-годишниот поранешен член на „Ла масија“, Карлес Алења во 55. минута доби убава топка околу пеналтикот и донесе водство за Каталонците. Само пет минути подоцна беше 0:2, откако по ВАР проверката судијата досуди пенал за Барса, кој рутински го реализираше Луис Суарез.

По ова, кога победата беше осигурана, во игра влезе и Меси, кој имаше две убави шанси за гол, но не се запиша во листата на стрелците. Во одредени моменти од натпреварот гостите имаа и речиси 80 отсто од поседот на топката.

Со триумфот Барселона на врвот на табелата има 80 поени, дури 12 поени повеќе од Атлетико Мадрид, кои утре ја пречекуваат Валенсија. До крајот на сезоната, Барса има уште четири, а Атлетико уште пет натпревари.