Свет
6. December 2016 - 13:23

Барние: Преговорите за Брегзит да завршат до октомври 2018 година

Преговорите за излез на Велика Британија од Европската унија, кои се очекува да започнат на крајот на март идната година, се очекува да траат и помалку од две години, со цел Обединетото Кралство и официјално да излезе од Унијата во март 2019 година.

Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денеска го соопшти Мишел Барние, поранешен еврокомесар и сегашен главен преговарач на Европската комисија во тимот на официјален Брисел кој со Британците ќе договара официјално кога и како Обединетото Кралство ќе излезе од Европската унија.

На денешната прес-конференција во зградата на Еврокомисијата во Брисел, Барние соопшти дека главно за ЕУ е да се задржи единството, како и дека трети земји не може да имаат исти права и корист во иднина, во споредба со она што го имале претходно како членки. Според тоа, поранешниот француски министер и екс-еврокомесар посочи дека идниот договор ЕУ-Британија ќе значи со сигурност полош статус на Обединетото Кралство во однос на Унијата од сега.

- Нема да има официјални преговори пред нотификацијата на член 50 од страна на Велика Британија, за преговори за излез од ЕУ, кој британската премиерка Тереза Меј соопшти дека ќе се случи до крајот на март 2017 година. Факт е дека ќе има последици на двете страни. Прерано е да се говори за било-какви детали, бидејќи не знаеме и какви интенции има Велика Британија. Треба они прво они да кажат што сакаат, па Брисел ќе одговори, истакна денеска Барние.

Според главниот преговарач на Еврокомисијата со Британците, ЕУ ќе инсистира на слободен проток на лица, услуги, стоки и капитал. Ќе има време помалку од две години, бидејќи тоа треба да го потврдат членките, европскиот парламент, па помалку и од 18 месеци да бидат самите преговори, па очекува до

- Во октомври 2018 година треба да завршат разговорите и да се постигне договор меѓу преговарачките тимови на ЕУ и Велика Британија, што значи дека преговорите ќе траат максимум од 15 до 18 месеци. Се е тоа за до март 2019 година договорот да биде одобрен од страна на националните парламенти на 27-те преостанати земји-членки на Унијата, како и од Европскиот и британскиот парламент, но и од страна на Европскиот совет - додаде Мишел Барние.

Запрашан дали ќе има „тврд Брегзит“, главниот преговарач на неформалната Влада на ЕУ, одговори дека тој не знае што е тоа тврд или мек Брегзит, но дека Брегзит треба да биде јасен, на среден начин и според насоките на Советот во рамки на преговорите. Сакаме јасен договор и истиот да го постигнеме според лимитираното достапно време и да се зачува единството на 27-те членки на Унијата, заврши Барние.