Свет
31. August 2017 - 16:18

Барние не гледа „решавачки напредок“ за клучните прашања околу Брегзит

Шефот на делегацијата на ЕУ во преговорите за Брегзит, францускиот дипломат Мишел Барние, изјави дека не гледа „решавачки напредок“ во врска со клучните прашања во разговорите со Велика Британија за нејзиното излегување од Унијата.

- Двете страни се сеуште прилично далеку од можноста да започнат преговори за идните европско-британски трговски аранжмани, рече Барние на крајот од третата рунда од преговорите меѓу Брисел и Лондон, што  завршија денеска.

Поранешниот еврокомесар, по ззвршување на августовските разговори се согласува дека во изминатите четири дена се направени „корисни разјаснувања“ за повеке работи.

Барние сепак, инсистира дека нема значаен напредок за главните прашања во преговорите.

Лондон и Брисел во оваа фаза од преговорите очекуваат да се направи значителен напредок кој подоцна ќе овозможи решавање на клучните теми од Брегзит.

Британските финансиски обврски кон ЕУ, правата на државјаните на ЕУ во Британија и границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска, се трите главни теми за кои двете страни треба да најдат компромисно решение.

Брисел и сите 27 земји членки на ЕУ, се едногласни дека не може да се отворат преговори за идните европско-британски односи и за  договор за слободна трговија, доколку не се решат главните прашања„ од дневниот ред на сегашниот преговарачки процес..

Британската страна инсистира за сите прашања да се преговара  во исто време.

Официјален Лондон смета дека сите прашања за кои се преговара или треба да се преговара, се „нераскинливо поврзани со идните односи„ на Британија и ЕУ - позиција која одново ја посочува и шефот на делегацијата на Британија во преговорите, министерот за Брегзит Дејвид Дејвис.

Британската вада и Дејвис веруваат дека веќе во текот на октомвриската рунда од преговорите, ќе може да се разговара и за трговијата и за идните односи.