Барањето за разрешување на Јанева стигна во Парламентот
Советот на јавни обвнители го испратил до Собранието извештајот за разрешување на Катица Јанева. Од кабинетот на собранискиот спикер велат дека документите се пристигнати, но тие не ги разгледал Џафери заради денешната седница. Ден по одлуката да се поведе постапка за разрешување на Јанева, новиот претседател на советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, вели дека иднината на предметите на СЈО зависи од Собранието бидејќи тоа го формирало специјалното обвинителство. Одби да го коментира предлогот за назначување в.д специјален обвинител.
„СЈО е формиран од страна на Собранието. Мислам изгласан е специјален јавен обвинител од страна на Собранието и сега одлуката во однос на предметите треба да потекне и од таму, меѓутоа се што е во наша моќ ние ќе го согледаме и тој проблем доколку успееме да најдеме некое решение секако ќе го оствариме“, изјави Ацо Колевски Претседател на Совет на јавни обвинители.
Колевски на функцијата Претседател на Советот на јавни обвинители доаѓа по три децениска работа во јавно обвинителската дејност. Неговото име се најде на барањето за укинување на притворот на бизнисменот Сеад Кочан, за кое одлучуваше Врховниот суд. Денес, Колевски смета дека таквата одлуката била исправна бидејќи се покажало дека СЈО имало преголема слобода.
„Па, сите случувања после тоа го оправдуваат. Фактички поднесувањето на барањето за заштита на законитоста, со ова вонредно правно средство доколку се употребуваше досега, ќе се извршеше некаква контрола на работата на СЈО, истите сметам ќе немаа таква слобода да постапуваат без контрола и да дојдеме до оваа ситуација Јавен обвинител за жал да се впушти во недозволени дејствија“, изјави Колевски.
Новиот претседател на советот на јавни обвинители не сакаше да го коментира Рекет, но смета дека случајот е темна дамка врз целата јавно обвинителска дејност.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар