Бизнис
18. јуни 2020 - 16:07

Банките во еврозоната позајмија рекордни 1.300 милијарди евра од ЕЦБ

Банките во еврозоната денеска позајмија рекордни 1.300 милијарди евра од Европската централна банка (ЕЦБ) за да ја задоволат зголемената побарувачка на компаниите за кредити во време на невидена рецесија.

ЕЦБ ја започна програмата „Целни  долгорочни операции за рефинансирање“ (ТЛТРО) пред шест години, а годинава ја измени за да и помогне на економијата да ги надмине тешките последици од пандемијата на коронавирусот.

Комерцијалните банки денеска позајмија вкупно 1.300 милијарди евра од програмата за период од три години, со каматна стапка од минус еден процент.

Позајмениот износ е најголем откако ЕЦБ го воведе ТЛТРО, но е помал во нето-услови, бидејќи банките веројатно користеле дел од износот за репрограмирање на старите заеми на ЕЦБ за да ги искористат поволните каматни стапки.

Негативна каматна стапка значи дека банките ќе заработат 0,5 проценти за една година без никакви услови или еден процент под услов да не го намалат кредитното портфолио.

Во преостанатите две години до достасувањето на заемот, каматната стапка ќе биде идентична со каматната стапка на депозитите на ЕЦБ, која во моментов е на минус 0,5 проценти.