Бизнис
21. December 2017 - 17:13

Банкарскиот систем стабилен и отпорен на шокови, покажува стрес тестот на НБРМ

Банкарскиот сектор во третиот квартал годинава покажува стабилност и отпорност, со задоволителна ликвидносна позиција и стабилна и висока солвентност, со се уште слаби остварувања во кредитната и депозитната активности. Растот во третиот квартал е 0,2 проценти и е позабавен во однос на претходниот квартал и во однос на истиот квартал од минатата година. Спроведеното стрес-тестирање во овој квартал ја потврдуваат стабилноста на банкарскиот систем и неговата отпорност на шокови, при што адекватноста на капиталот на банкарскиот систем не би се намалила  под осум отсто, при ниту една од извршените симулации.

Ова го констатира Советот на НБРМ во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2017 година, во кој се наведува дека добивката на банкарскиот систем по шестогодишен континуиран раст, што беше особено висок во последните неколку години,  забележа пад на годишна основа.

Спроведеното стрес-тестирање во овој квартал ја потврдуваат стабилноста на банкарскиот систем и неговата отпорност на шокови, при што адекватноста на капиталот на банкарскиот систем не би се намалила  под осум отсто, при ниту една од извршените симулации.

- Намалениот финансиски резултат е последица на зголемениот трошок а исправка на вредноста на финансиските средства, како и на прилично забавениот раст на нето каматните приходи, пред сѐ, заради поголемиот пад на нето каматните приходи од нефинансиските друштва, но и позначителното забавување на растот на овие приходи од домаќинствата. Оттука, невообичаено за традиционалниот македонски банкарски систем, во првите три квартали од 2017 година, некаматните приходи на банките, особено нето-приходите од провизии и надоместоци, имаа највисок придонес, од две третини, во растот на вкупните приходи од редовно работење. Сепак, банките и натаму испорачуваат високи стапки на поврат на просечниот капитал и на просечната актива, од 12,6 отсто и 1,4 отсто, соодветно. Воедно, на годишна основа, оперативната ефикасност на банките забележа подобрување, при што оперативните трошоци зафаќаат половина од вкупните приходи од работењето, што претставува подобрување за половина процентен поен, навдуваат од НБРМ.

Депозитите од нефинансиските субјекти забележаа скромен раст од 0,4 проценти, кој произлегува од депозитите на домаќинствата, при натамошно намалување на корпоративните депозити. - Склоноста за штедење во домашна валута, којашто беше намалена како последица на домашната политичка криза во 2016 година, бавно се враќа, што се согледува преку скромниот раст на денарските депозити од домаќинствата од 0,2 отсто. Генерално, скромниот раст на активностите на банките ја потврдува важноста на депозитите за нивното финансирање, чиј потенцијален раст многу зависи од случувањата и настапот на банките на депозитниот пазар и одржувањето на довербата кај домашните депоненти, стои во соопштението.

Кредитниот раст во третиот квартал од 2017 година изнесува 0,3 отсто, но зголемувањето е побавно во споредба со претходниот квартал за 2,2 отсто. Растот на кредитната активност произлегува од денарските кредити на домаќинствата, при намалена кредитна поддршка за корпоративните клиенти.

Во извештајот стои дека на страната на активата, забележителен е растот од 14 отсто на краткорочните пласмани кај странски банки, при истовремено намалување на вложувањата во хартии од вредност за -5,3 отсто. На страната на пасивата, повисокиот финансиски резултат во третиот квартал од 2017 година и покрај неговиот пад на годишна основа, го определи растот на вкупниот финансиски потенцијал на банкарскиот систем. Истовремено, во третиот квартал од 2017 година обврските кон матичните субјекти на банките забележаа пад за -12,2 проценти, имајќи го предвид очекуваниот привремен карактер на растот на овие обврски остварен во второто тримесечје од годината, за потребите за исплата на дивиденда.

Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се намалени  за  два отсто, на квартална основа, што е најмногу резултат на затворањето на нефункционалните побарувања од нефинансиски друштва со преземање средства, коишто биле воспоставени како обезбедување за тие побарувања. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор забележува извесно квартално намалување од 0,2 процентни поена и достигнува ниво од 6,6 отсто. Намалувањето на учеството на нефункционалните во вкупните кредити е присутно во сегментот на нефинансиски друштва и на 30 септември годинава изнесува 10,4 отсто, каде што нефункционалните кредити забележауваат побрз квартален пад, во споредба со намалувањето на кредитната активност на банките кон овие клиенти.

Нефункционалните кредити на домаќинствата бележат забрзан раст присутен уште од почетокот на 2017 година, што при истовремено зголемување на пролонгираните кредити и на кредитите кај кои задоцнувањето е помеѓу 61 и 90 дена, укажува на потребата од повнимателно следење и на ова портфолио. Повисокиот кредитен раст кон домаќинствата, според НБРМ, го одржува учеството на нефункционалните во вкупните кредити на стабилно ниво од 2,6 проценти, на 30 септември годинава.

Високата покриеност на нефункционалните кредити со издвоената исправка на вредноста од 78,3 отсто, при задоволителен обем и квалитет на сопствените средства на банките ги ограничува ризиците од евентуална целосна ненаплатливост на овие кредити за солвентноста на банките.

Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво, отсликано преку релативно стабилното учество на ликвидните средства во вкупната актива и задоволителната покриеност на краткорочните обврски и депозитите од домаќинства со ликвидните средства. Во третиот квартал од 2017 година, во услови на забавен раст на вкупните извори на финансирање, ликвидните средства на македонскиот банкарски систем забележаа скромно намалување за -0,5 отсто. 

Заради позитивните ефекти врз кредитната активност на банките и севкупната домашна економија, на оваа седница Советот одлучи повторно да ја продолжи примената на нестандардната мерка за намалување на основата за задолжителна резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените кредити на нето-извозниците и на домашните производители на електрична енергија за дополнителни две години. Се очекува дека банките ќе продолжат со активна кредитна поддршка на овие компании преку широка понуда на нови кредитни производи и поповолни каматни стапки заради натамошен пораст на придонесот на ова кредитирање за зголемувањето на кредитите на корпоративниот сектор во целина.