Македонија
11. May 2016 - 8:20

Банкарите ќе расправаат за актуелната состојба

Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија денеска на редовна седница, на која е поканет и гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, ќе расправа за тековните активности на банките во актуелната состојба во државата.

Како што е најавено, треба да се обратат и претседателот на Здружението на банкарството Коста Митровски, како и гувернерот Богов. 

Богов минатата недела предупреди дека продолжувањето на политичката кризата може да има влијание на економијата, поради што НБРМ изготви и алтернативно сценарио за економските движења. Според централната банка, продолжувањето на кризата до крајот на годината ќе го намали растот на македонската економија од предвидените 3,5 на 1,6 проценти. Ќе се намали и потрошувачката, како и инвестициите, ќе дојде до забавена кредитна активност, помал извоз и намалување на девизните резерви. 

Како одговор на влошените очекувања поради политичката состојба, НБРМ изврши и зголемување на основната каматна стапка од 3,25 проценти на 4 проценти. Гувернерот Богов смета дека зголемувањето на каматните стапки на благајничките записи сигурно ќе има ефекти врз каматните стапки во банките и дали ќе ги зголемат каматите на кредитите тоа ќе зависи од банка до банка и нивната политика.