Свет
10. May 2016 - 18:25

Бан: Речиси 90 отсто од мигрантите во светот се наоѓаат во земјите во развој

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун изјави дека 90 отсто од мигрантите во светот се наоѓаат во земјите во развој, што, како што оцени укажува на кризата на солидарност. 

- Повеќе од половина од бегалците во целиот свет се наоѓаат во осум земји, а само десет земји обезбедуваат 75 отсто од буџетот на ОН за олеснување и решавање на нивните проблеми, истакна Бан во авторскиот текст за „Хафингтон пост“.

- Војната, кршењето на човековите права и климатските промени доведуваат до тоа сега повеќе од кога и да е, се поголем број луѓе да ги напуштат своите домови, укажа тој.

Бан додаде дека повеќе од 60 милиони луѓе, од кои половина деца, избегале пред насилството или протерувањето, а дека уште 225 милиони ги напуштиле своите земји во потрага по подобри можности или едноставно за да преживеат.

- Меѓутоа ова не е криза на бројки, ова е криза на солидарност, укажа генералниот секретар, кој смета дека со поеднакво распоредена одговорност, не би имало никакви кризи во земјите, во кои тие се наоѓаат.

- Можеме да си дозволиме да пружиме помош и знаеме што треба да сториме за да управуваме со големите движења на бегалците и мигрантите. Сепак премногу често дозволуваме да не попречат стравот и незнаењето. Човечките потреби тогаш завршуваат во сенка и јазикот на ксенофобијата тогаш е погласен од разумот, предупреди тој.

Во Генералното собрание, како што потсети на 19 септември ќе се одржи состанок на високо ниво со цел да се унапредат напорите за решавање на мигрантската криза на долгорочен план.