Балкан
7. November 2017 - 13:46

Балканските тајкуни и политичари во „Рајските документи“

Меѓу 120-те светски државници, политичари и бизнисмени, чие работење со оф шор компаниите беше обелоденето со „Рајските документи“, кои ги објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ), се споменати и државјани од Србија, Словенија, Црна Гора, Турција и Грција. 

Документите што излегоа од две агенции за оф шор услуги од Бермудските Острови и Сингапур, покажуваат дека актуелниот српски министер без ресор задолжен за иновации и технолошки развој Нанад Поповиќ, поседува имот што вреди најмалку 75 милиони долари, а дека неговата пазарна вредност е повисока од 100 милиони долари, со што тој убедливо е најбогатиот српски политичар. 

Ненад Поповиќ

Белградската Мрежа за истражување на криминалот и корупцијата (КРИК), освен за Поповиќ, наведе дека во истрагата за „рајските документи“ се вмешани и бизнисмените Александар Миловановиќ, Снежан Божовиќ, Зоран Милошевиќ, Љубе Мискин, Владимир Шекревски, Димитри Корицас, Драгомир Марковиќ, Богдан Родиќ, Небојша Ивковиќ, Јован Цековиќ, Бранислав Груиниќ, Зоран Флориќ и Иван Бекчиќ Петровиќ, кои се јавуваат како сопственици и раководители на фирми, што работеле или поседувале оф шор компании, главно на Малта. 

Во документите се споменати најмалку 76 словенечки државјани и компании, меѓу кои е и најголемиот даночен обврзник во Словенија, поранешниот шеф на словенечката даночна управа, Иван Симич, кој својата консултантска компанија ја префрлил на Кипар, уште додека бил на чело на словенечката Царинска управа, а сега е советник на оние кои сакаат да основаат компанија во оваа земја. 

Ана Ѓукановиќ

Истрагата, исто така, покажа и дека сестрата на поранешниот црногорски премиер Мило Ѓукановиќ, Ана Ѓукановиќ и нејзиниот партнер Радомир Вукчевиќ, основале две оф шор компании на Малта, кои се поврзани со рударска индустрија и преработка на минерали.

Имињата на турскиот премиер Бинали Јилдирим и на министерот за енергетика Берат Албајрак, кој е зет на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, како и на неговиот брат Серхат Албајрак, исто така. се појавуваат во истражувањето за „рајските документи“.

Во времето кога браќата Албајрак раководеле со турската компанија „Чалак холдинг“, отвориле многу оф шор компании поврзани со холдингот.  Серхат бил директор на една од тие фирми. 

Берат Албајрак

Осум компании, кои се поврзани со семејството на турскиот премиер биле регистрирани во даночниот рај Малта. 

Со „Рајските документи“ се обелоденува дека тие компании се поврзани со синовите, чичковците и внуците на Јилдирим. 

Независното тело за јавни приходи во Грција им нареди на надлежните власти веднаш да почнат истрага, со цел да утврдат дали постојат случаи на богатење, какво што се споменува во истрагата на „рајските документи“.

Според објавените податоци, 130 грчки политичари, бродосопственици, и ѕвезди се појавуваат во најмалку шестте илјади документи.

Грчка даночна управа

Меѓу даночните оази, избрани од нив, се Малта, Аруба, Бахамски Острови, Барбадос, Бермудски Острови, Доминиканската Република, Маршалските Острови, како и други оф-шор локации.

ИЦИЈ објави 13,4 милиони документи за финансиите на околу 120 политичари од различни држави.