Македонија
2. September 2018 - 16:55

Балканската рута е затворена, но обидите на мигрантите нелегално да ја преминат границата продолжуваат

Шверцери  на мигранти   на државјани од Сирија,  Алжир и Либија им  ветувале превоз до Србија за сума од 140 евра, но биле откриени и фатени од страна полицијата.  Ова е последниот во низата случаи  поврзани со обидите за нелегален премин на границата и транзит низ нашата држава кои македонската полиција секојдневно ги открива .

И покрај тоа што Балканската мигрантска рута официјлано  е затворена повеќе од две години обидите за нелегален премин на границата не запираат. Во периодот од 2016 година па заклучно со јуни годинава  биле спречени нешто повеќе од 137 000 лица при обид за илегално преминување на границата. Во полициската статистика стои дека  најглемиот број на спречени обиди кој изнесува 127 358  бил во 2016 година. Во оваа бројка влегуваат и податоците за лица на кои им се издадени потврди за искажана намера за признавање право на азил согласно измените на законот за азил од јуни во 2015година. 

Во 2017 овие бројки бележат намалување и за цела година  изнесуваат нешто повеќе од 4100 обиди. Годинава повторно има раст,  па така само за шест месеци полицијата спречила над 5600 лица во обид за илегален премин на границата.

Кога станува збор за криумчарењето најголемиот број случаи - 107  се откриени во 2016, лани имало 19 , а во првото полугодие од оваа година откриени се 23 такви случаи. Од полицијата информираат дека слична е состојбата и кога се работи за бројот на криумчарените мигранти. Најмногу биле пред две години -1961, лани нивниот број се намалил на 212 додека зголемување има во текот на оваа 2018 година кога во периодот од јануари до јуни биле откриени 306 мигранти кои се криумчарат. Најбројни се државјаните на Пакистан, следуваат лицата од Сирија, а потоа од Алжир.