Свет
2. March 2018 - 12:41

Балканот напаѓа, ЕУ се брани, а Кина и Русија играат на крило

 Претседателот на Европска комисија Жан-Клод Јункер и високата претставничка на Европска унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини ја завршија турнејата по Западен Балкан, „турнеја по земјите кои пред 20 години меѓусебно војуваа, се наведува во колумната на норвешкиот весник „Дагбладет“.

- Балканот е во игра, а има многу играчи, балканските земји се во напад, ЕУ во одбрана, а Русија и Кина играат на крило, наведува авторот на колумната Мортен Штранд.

Тој исто така додава дека Европа има голема дилема дали воопшто сака балканските држави да станат полноправни членки.

- Се зборува за национализам и корупција во Србија и во Косово, имате и целосно дисфункционална држава како што е Босна и Херцеговина, а голем ризик е такви земји да влезат во ЕУ. Во исто време, опасно е да се држат таквите земји надвор. Исто така, се отвора вратата за руското покажување на мускули и кинескиот капитал, капитал што доаѓа со политичка цена, истакнува Штранд.

Тој се осврнува и на изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој истакна дека Брисел е пред избор дали сака да „извезува стабилност или да увезува нестабилност“.

- Ако го вклучите Балканот во ЕУ, во пакет добивата култура на национализам, корупција и несигурност, се посочува во колумната.

Штранд потенцира дека ниту една земја не е ниту блиску да ги задоволи критериумите за членство. Тој се запрашува дали Србија „која само пред 20 години беше под националистичкото лидерство на Слободан Милошевиќ е зрела за ЕУ“.

- Дали дисфункционална, поделена земја како БиХ ќе може да стане функционална земја. Дали Косово, кое не е признаено од сите земји-членки на ЕУ, ќе го третира српското малцинство како што бара ЕУ, истакнува Штранд.

Тој потенцира дека блиското минато на балканските земји е во целосна спротивност со идеалите на ЕУ.

- Русија веќе со векови е играч на Балканот, токму како и Турција. Русија преку Балканот може да проба да ја дестабилизира ЕУ. Улогата на големиот словенски брат и претходно беше играна, посебно во Србија. Дали тогаш  е подобро Србија да биде внатре во ЕУ или надвор од Унијата? Многу проблеми и прашања. Можеби ЕУ ќе стави се на маса и нема да им дозволи на земјите од Западен Балкан да станат членки ниту во 2025 година ниту во блиска иднина, наведе Штранд.