Македонија
19. November 2018 - 16:20

Бактериите стануваат се порезистентни на антибиотици, а Македонците масовно ги користат

Во Македонија нема точни податоци кај колку луѓе ниту најсилните антибиотици не делувале во битката со бактериите.

Официјално се знае дека во земјава годишно се изолираат околу 300 соеви на бактерии отпорни на лекови , најчесто ешерихија коли и стафилокока,  и тоа претежно кај пациенти со сепса.

Но, од комисијата за антимикробна резистенција велат дека оваа бројка е 10 пати поголема. Клиниките штеделе за испитувања.

- Кај нас доста се штеди во земање примероци така што има сигурно уште илјадници кои или оздравеле или на здравјето им се искомплицирало без да имаме доказ дека бактеријата била резистентна. Тоа што го изолираме како сигурно патогени бактерии, е меѓу 200 и 300 соеви годишно во крвта на човекот при септични состојби, рече проф. д-р Никола Пановски, претседател на комисијата за следење на антимикробна резистенција.

Според податоците од Фондот за здравство минатат година реализирани се 1,8 милиони рецепти на антибиотици, но се претпоставува дека бројката е многу поголема бидејќи голем дел од граѓаните зема лекови на своја рака.

- Нема податоци за тоа колку од населението зема антибиотици на своја рака, но претпоставката е дека барем 50 отсто од купените антибитоици отпаѓаат на комерцијалната потрошувачка, на приватно купување од страна на граѓаните во аптеките.изјави Кристина Христова од ФЗОМ.

- Македонија води евиденција и ја следи состојбата со отпорноста на антибиотици преку т.н Цезар систем воведен во 2013 година. изјави Голубинка Бошевска, националниот координатор за антимикробна резистенција.

Инаку годишно Фондот за здравство одвојува 4,9 милиони евра за антибиотици.