Македонија
9. October 2019 - 14:59

Бајрактар: Се обврзавме до 2021 година за 50 отсто да го зголемиме опфатот на деца од предучилишна возраст во установите

Заменик – министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар денеска присуствуваше на првата меѓуопштинска детска олимпијада „Нека победи највеселиот”, што се одржа по повод Детската недела, а во организација на Општина Бутел и детската градинка „11 Октомври”.

Тој истакна дека инвестирањето во раниот детски развој е еден од високите приоритети на Владата на Република Северна Македонија.

– Во таа насока, Министерството за труд и социјална политика изминатите две години интезивно работеше на реформата во делот на заштита на децата, работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој, а овој темелен процес продолжува и во наредните години, потенцираше Бајрактар.

Тргнувајќи од начелото дека децата имаат право на квалитетно предучилишно згрижување, воспитување и образование, Владата на Република Северна Македонија, реле Бајрактар, се обврза до 2021 да го зголеми за 50 отсто опфатот на деца од предучилишна возраст во установите за згрижување и воспитание. За таа цел, Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините работи на проширување на капацитетите за заштита и воспитание на децата.

– Сите деца имаат еднакви права и на сите треба да им се даде неопходната поддршка и овозможат еднакви можности. Одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас. Светот останува на децата и претставува предизвик да ги научиме да ги спознаат вистинските вредности во животот и да им дадеме сила да истраат и да успеат во овој свет, рече заменикот министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

Тој потсети дека секоја година почетокот на месец октомври се посветува на децата во рамките на кој се одбележува Детската недела, годинава под мотото „Детски права за наше детство!“.

Средствата, како што информира Министерството за труд и социјална политика, што по разни основи ќе бидат собрани во рамките на Детската недела, ќе бидат наменети за заштита на најранливите групи на деца во земјава. Во периодот на Детската недела се обезбедува поддршка од сите општествени фактори во насока на подобрување на статусот на децата на еден симболичен начин со тоа што голем број институции ќе одвојуваат симболичен дел од своите средства кои се собираат врз основа на продадени карти за спортски настани, кина, театри…