Свет
23. јуни 2022 - 8:19

Бајден повика на тримесечно замрзнување на данокот на гориво

Американскиот претседател Џо Бајден го повика Конгресот на САД да ги замрзне федералните даноци за бензинот и дизелот за три месеци.

Бајден ги повика и државите да ги замрзнат даноците за бензинот или да обезбедат слични поволности. Тој ја критикуваше енергетската индустрија што дава приоритет на профитот пред производството.

Данокот на бензинот е 18,4 центи за галон (околу 3,78 литри), а на дизелот 24,4 центи за галон.

– Знам дека ова нема да ја намали сериозноста на проблемот, но ќе биде од голема помош – рече Бајден за неговиот предлог, имајќи ги предвид напорите на администрацијата да го спречи зголемувањето на цените на бензинот.

„Јас го правам она што зависи од мене. Сакам и Конгресот, американската влада и индустријата да ја завршат својата работа“, рече американскиот лидер.

Идејата за замрзнување на данокот за гориво наиде на силно противење во Конгресот, вклучително и од многу демократи.

Високите цени на бензинот се голем политички проблем за Бајден и демократите во Конгресот, кои се борат да ја задржат контролата над највисокото законодавно тело на вонредните избори во ноември.