Свет
23. January 2021 - 10:46

Бајден побара проценка за заканата од насилен екстремизам во САД

Претседателот на САД, Џо Бајден, побара од безбедносните и разузнавачките служби да ја испитаат заканата од насилен екстремизам во САД, соопшти Белата куќа откако маса демонстранти кои го поддржуваа поранешниот претседател Доналд Трамп насилно упадна во американскиот Капитол.

– Нападот врз Капитол на 6 јануари и трагичните смртни случаи и уништувања што се случија го подвлекоа она што сите го знаеме: порастот на насилниот екстремизам во семејството е сериозна и растечка закана за националната безбедност, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Таа истакна дека се потребни нови пристапи и оти ова прашање е приоритет за новата американска администрација.

– Треба да се направи повеќе. Затоа претседателот, на вториот ден од функцијата, го задолжи тимот за национална безбедност да ја изврши оваа анализа, рече Псаки.

Проценката на оваа закана треба да ја изврши Кабинетот на директорот на Националната разузнавачка служба, ФБИ и Одделот за национална безбедност и ќе се користи како основа за понатамошно постапување по ова прашање, соопшти Белата куќа.

Вчерашната изјава на Псаки локалните медиуми ја сметаат за признавање на заканата по националната безбедност што официјалните лица ја гледаат кај американските екстремисти кои се мотивирани за насилство од радикални идеологии.