Фудбал
13. January 2016 - 9:57

Бабунски во потрага по клуб

Македонскиот репрезентативец Давид Бабунски повеќе не е член на шпанскиот клуб Барселона, откако каталонскиот клуб соопшти дека го раскинува договорот со него и уште четворица фудбалери кои досега настапуваа за нејзината втора екипа, односно „Барселона Б“.
 
Според шпански sport.es, Бабунски не бил во плановите на тренерот на „Барселона Б“, Жерард Лопез, и од страна на клубот и играчот било констатирано дека најдобрата опција е раскинување на договорот.
 
Бабунски беше член на каталонскиот гигант Барселона повеќе од 11 години, поминувајќи ги сите младински категории на клубот. Според шпанските медиуми, 21-годишниот фудбалер веќе има понуди од неколку шпански и странски екипи, и се очекува наскоро да биде познато кој ќе биде неговиот следен клуб.