Бабовски тврди канцерогено млеко и јогурт не се увезени од Србија - ВМРО-ДПМНЕ бара оставка и постапување на Обвинителството
Канцерогеното млеко и пробиотскиот јогурт од Србија се вратени назад. По земените мостри на царина направени се лабораториски испитувања а откако се утврдило зголемено присуство на амфлатоксин, пратката не е увезена. По информациите на ВМРО-ДПМНЕ за оваа пратка, директорот на АХВ тврди дека во македонските маркети не се продаваат овие канцерогени млечни производи.
– Одговорно тврдам дека станува збор за чиста манипулација од негова страна. Се работи за две пратки пробиотски јогурт, секоја од по 7 053 килограми, односно вкупно 14106 килограми од овој производ со зголемено ниво на афлатоксин, кои во текот на вчерашниот ден се вратени во Србија со согласност на извозникот и на надлежниот орган на Република Србија. Ни случајно овие производи, кажа Бабовски.
Информациите за оваа пратка од Србија ги споделија од ВМРО-ДПМНЕ и побараа директорот веднаш да си даде оставка а го повикаа јавното обвинителство да постапи по овој случај.
„АХВ како да не функционира. Агенцијата чека ВМРО-ДПМНЕ да ги фати на дело незаконитостите, па потоа како аналитичари да констатираат дека да тоа се случило, но еве сега постапуваат. Фактичката состојба е дека не знаеме дали постапуваат, зошто ниту е објавено дека млекото е вратено, ниту дека е уништено. Дали тоа значи дека веќе е исконзумирано?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот ги демантира наводите на ВМРО-ДПМНЕ кои рече дека манипулираат со јавноста за ситни политички поени.
– За „канцерогениот“ јогурт со афлатоксин, го повикуваме, бидејќи располага со лабораториските резултати кои имаат и сериски број и лот за секоја земена мостра, а и не и верува на АХВ, слободно да го побара во маркетите. Во однос на вчерашното тврдење дека нефункционира националниот систем за брзо известување, досега требаше да му биде јасно дека овој систем алармира само тогаш кога небезбеден производ е ставен во промет, потенцира Бабовски.