Македонија
14. September 2018 - 12:45

Бабовски реагира на обвинувањата за непотребната набавка на 180 компјутери

Не може со мотор на „југо 45“ да возите „порше“. Вака директорот на Платежната агенција Николче Бабовски ги отфрли обвинувањата на социјалните мрежи во врска со тендерот за набавка на 180 нови компјутери.

Бабовски денеска на брифинг со новинари објасни дека компјутерите, особено оние со моќни процесори, и се неопходна алатка за работа на Агенцијата зашто годишно низ оваа институција минуваат околу 150.000 - 160.000 апликации. 

- Платежната агенција мора да биде добро екипирана и опремена, да има интегриран систем за ефикасно да ги пласира европските пари. Досега се примени и обработени 1,88 милиони информации, а ние сме се уште слабо екипирани и опремени. Тоа беше и една од забалешките во последниот Извештај на Европсата комисија, истакна Бабовски.

Според него, максимлано е транспарентна постапката за набавка на компјутерите од кои десет се со „И5“ процесор за ИТ службата на Агенцијата, а 170 имаат „И3“ и се за останатите вработени.

- Повикот беше објавен во понеделникот. Тендерот е во тек и ќе трае до втори октомври кога ќе биде и отворањето на понудите. Постапката е транспарентна, поставена е на службеното гласило на ЕУ, а и документите се достапни за увид, посочи директорот, додавајќи дека претходно било направено маркетиншко истражување за поволни, а квалитетни понуди. 

Квалификувајќи ги како неумесни навредите на фејсбук од лица кои, како што рече, креираат јавно мислење, Бабовски уште еднаш нагласи дека  со осовременувањето на Агенцијата и нејзиното работење, и повлекувањето на средствата ќе биде поголемо.