Живот
13. March 2018 - 22:44

Бабичка паѓа во скопски автобус: Глупава една, неспособна, имаш ли очи?

Го гледам пред очите овој маж што за љубов не знае, што за почит не знае… Толку некултурен, бесчувствителен и одвратен што во стомакот ми се превртува.
 
Мозокот не сакаше да ми поверува на тоа што очите ми го гледаа и ушите ми го слушаa во еден скопски автобус деновиве. Пребледев од нервоза. Другарка ми ме држеше за рака и ме молеше барем еднаш во животот да не се мешам таму каде што не ми е местото. Овојпат во туѓ брак.
 
Си го гризев јазикот, дланките ми се препотуваа, низ главата ми минуваше прашањето: „Како може да постојат вакви сељаци, не не, вакви сељачишта, вакви нелуѓе?“
 
Седам на првото седиште со другарката и една бабичка со седа коса, натоварена со торби, влегува во автобусот. При влегувањето жената случајно се сопна и падна на земјата.
 
Така силно, така страшно што за малку со главата ќе удреше во оградата кај возачот и можеше да биде дури и фатално. За среќа, мина без сериозни повреди. Едвај почна да станува од земјата, а нејзиниот сопруг одзади наместо да ѝ подаде рака, додека таа ги собира двата дела од својата електронска картичка прекршена на половина од падот, започнува да вреска по неа.
 
„Ало, гледаш ли ма кај одиш, многу си глупава, неспособна, имаш ли ти очи, гледаш ли што правиш, леле не ми се верува, ќе те утепам, имаш ли мозок мори…“ и навредите продолжуваа до недоглед. Наместо да ѝ помогне на својата сопруга, со која најверојатно минале децении заедно, тој ја навредуваше пред преполн автобус. Наместо да ѝ рече: „Ништо, се случува секому, како се чувствуваш“ тој врескаше, ја омаловажуваше и навредуваше пред полниот автобус.
 
Потоа седнаа спроти нас, а тој продолжи со навредите, додека таа само молчеше и во еден миг со жален глас му се обрати: „Само викаш, за сè викаш“. Тогаш ми светна како оваа женичка сигурно секојдневно минува низ ужасни тортури од овој некултурен човек. Штом вака ја третира во јавност, како ја третира дома?
 
И врвот на целата ситуација беше кога дури лут стана од кај неа затоа што не можел да ја гледа од што била глупава и се премести на друго седиште. Бабичкава пак си ги собра торбите и тргна по него, повторно да си седне до него.
 
И знам дека тоа се други генерации и жените биле воспитувани поинаку, но дали вреди да се толерира ваков сопруг, ваков човек кој за култура, љубов и почит не знае… Колку е тажно што таа му го посветила целиот свој живот, а тој ѝ враќа на овој начин.
 
Уште не можам да се соземам како може со вакви луѓе да го дишам истиот воздух и да ја газам истата земја. Не заслужуваат, ништо не заслужуваат… Овој човек воопшто не ја заслужува оваа прекрасна жена.
 
За него само самица во планина. Не е тој достоен да биде дел од цивилизирано општество кога не е способен да одржува здрави меѓучовечки односи. Болен ум што врши тортура на другите. Карта во еден правец, никому нема да недостигаш!
 
Всушност, можеби само на бабичката твоја и токму за тоа ми е најмногу жал. Што таа за подобро не знае. Што е во заблуда дека  е во ред да го трпи овој нехуман третман.
 
За тоа срцето најмногу ме боли…. Што твојата прекрасна сопруга и покрај сè искрено те сака.
 
Извор: Среќа.мк