Бизнис
10. March 2017 - 10:29

Азески: Инфраструктурата останува приоритет

Македонската економска политика да излезе надвор од границите на земјата, со инвестиции во големи трговски ланци и изградба на хотелски капацитети кои би го повлекле нашето производство на регионален пазар. Во светот постојат само конкуретни и неконкуретни економии. Технолошкиот развој ја елиминира националната економија и поради тоа, мора да се свртиме 100 проценти кон регионот и светот. 

Ова го истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески на панел-дискусија во рамки на  24. Копаоник бизнис-форум.

Азески имаше обраќање на тема „Реформска програма на регионалните инвестиции: еден регион едно стопанство“, по што одговараше и на прашања. 

Инфраструктурата, потенцира, останува најголем приоритет, бидејќи е основа на сите приказни околу регионалниот развој и раст, а ние на тој план имаме, рече, направено многу малку.

- Најмногу имаме направено на планот на автопатиштата, најмалку за инфраструктурата на железницата, а и гасификацијата мора да остане голем приоритет. Друга работа е прашањето на владеењето на правото во регионот и неговата хармонизација, бидејќи на тој план се наоѓаме во правен хаос, подвлече Азески.

Според него, трета работа која логично произлегува од првите две, се парите. 

- Немаме повеќе можности да се задолжуваме, бидејќи го достигнавме таванот, а се сомневам и во волјата на инвеститорите во вакви околности да инвестираат. Поради тоа, неопходно е да побараме помош од Европската унија, особоено за прашањата за инфраструктурата, владеењето на правото, корупцијата, за повторно да бидеме атрактивни за инвестирање, истакна Азески. 

Во врска со откупот и продажбата на земјоделските производи, истакна дека владината поддршка даде резултат.

- Владата на Република Македонија има вложено многу пари преку субвенции во земјоделството и тоа е добро, зголемен е откупот, модернизирано е производството, меѓутоа нашата економска политика треба да тргне вон границите на Македонија со инвестиции во големи трговски ланци и иизградба на хотелски капацитети, кои би го повлекле нашето производство на регионален пазар. Стопанската комора работи на тоа. Технолошкиот развој ја елиминира националната економија, сметам дека таа приказна е завршена и мораме да се свртиме 100 проценти кон регионот и светот. Постојат добри македонски компании, кои веќе работат на тоа и ние максимално ги подржуваме, додаде Азески.

Бизнис-форумот во Копаоник се одржа од 7 до 9 март. Имаше 1.140 учесници, 120 акредитирни новинари, 20 панели, три пленарни сесии, четири специјални случувања и две панел презентации. Се зборуваше на теми поврзани со економијата, образованието, науката и здравството.  Присуствуваа високи државни функционери и влијателни бизнис лидери кои ја разгледуваа програмата за реформи во регионот.