Балкан
13. March 2017 - 8:59

Автопилотот на Ципрас

Вима - Атина

Можеби првпат во целосното владеење на Алексис Ципрас на политичката сцена, но најмногу во самата партија Сириза, се појави првото мрморење. Мроморење кое сега е адресирано до самиот „лидер“.

Прашањето на многумина во Сириза е дали Ципрас управува на сила и врз основа на план, или едноставно земјата се управува со автопилот, а во пилотската кабина седи премиерот кој само ги надгледува полетно-навигациските уреди.

Или поконктерно треба да се каже дека не се малкумина во партијата кои констатираат дека дистанцата меѓу владата и Сириза секојдневно расте.

Исто така не се малкумина оние (но не и обврзно оние од „фракцијата на 53+“) во Сириза, кои се прашуваат има ли координација во владата или, како што велат тие, секој министер прави што си сака, а премиерот апатично ги набљудува. Истите тие даваат куп пример за ова.

- Удрил ли некогаш Ципрас по масата за да укори свој министер за тоа дека нешто згрешил?, прашуваат истите оние кои истакнуваат дека тој ниту свикал, ниту пак се скарал со ресорните министри за кашата стокмена од нив, на пример со пензиите и социјалното осигурување.

Функционери од Сириза не престануваат да се појавуваат по телевизиите за да зборуваат што ќе им текне за тоа како тече договарањето со кредиторите, но никој не дал никаква забелешка за нив.

Истовремено, министерскиот совет заседава се поретко и Ципрас ретко се сретнува со министри и негови сопартијци. Впрочем така и започна мрморењето и незадоволството. А тие се од типот дека Ципрас носи одлуки советувајќи се со една мала „затворена“ група соработници кои можат да го вовлечат во гафови.

Такви гафови штетат и на владата, и партијата, а и самата земја. На пример, на последното заседание на министерскиот совет, на кој Ципрас најави дека има економски раст, а по 3,600 секунди Националната служба за статистика Елстат ги негираше, по што ја спомна рецесијата и падот на БДП.

Тоа всушност беше капката која ја прели чашата на внатрепартиското незадоволство. Не можеше ли Ципрас да праша, велат негови другари, министерот за финансии или неговите економски советници, за тој раст/рецесија, за да не се дојде дотаму за да се објаснува толку многу.

Заради појавените проблеми околу разгледувањето на грчката програма и за да го смири внатрепартиското незадоволство, Ципрас повторно остро ја нападна главната опозиција во лицето на партијата Нова демократија, а посебно нејзиниот лидер Киријакис Мицотакис, и потсети на разни корупциски скандали, а покрај тоа извади и причина за ревизија на уставот.

Тој самиот дури и ја отвори работата на односната комисија која ќе се занимава со таа ревизија, и отвори 53 прашања на кои треба да одговорат граѓаните.

Во жестоката расправа зборуваше и Дора Бакојани (влијателен пратеник од Нова демократија) која го повика Ципрас да си го „прибере“ министерот за одбрана и неговиот коалициски партнер Панос Каменос (заради неговите изјави за можен инцидент во јуни во водите околу островот Кипар), но самиот Каменос го повика лидерот на конзервативците Кириакос Мицотакис да си ја „прибере“ Дора. Ајде сега оди и најди им го крајот.