Бизнис
11. January 2019 - 22:56

Автопатот Скопје- Блаце ќе се гради годинава, ќе биде готов во 2023 година

Почнува реализацијата на автопатот Скопје-Блаце. Идниот месец ќе се објави тендерот за првата делница, по што ќе отпочнат градежните активности. Втората денлница, пак, ќе почне да се гради следната година. Според предвидените рокови, автопатот ќе биде во употреба во 2023 година. Временската дистанца меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од сегашните 2 часа на само 45 минути.

“Во вториот квартал годинава дефинитивно се започнува со изградба на овој, стратешки за нас, автопат. За да не губиме дополнително време, се донесе одлука автопатската делница да се гради во две фази и тоа, првата фаза од граничен премин Блаце до клучката Блаце, во должина од околу 2 км, а втората фаза од клучката Блаце до клучката Стенковец, во должина од 10,5 км”, објаснува Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Властите информираат дека се изготвува нов проект за автопатот, бидејќи стариот, од 2002 година, бил нецелосен, застарен и не може да се искористи за добивање градежна дозвола.

“Ова треба да се направи бидејќи на предвидените траси со стариот проект појавени се индустриски капацитети и новоформираните гробишта. Проектот за тунели не ги исполнува тековните меѓународни стандарди за вентилација и системи за заштита од пожар и евакуација”, вели министерот Сугарески.

Автопатот ќе биде долг 12,5 км, со по 3 ленти во двата правци. Проектот е вреден 110 милиони евра. Најголем дел од парите се кредит од ЕБОР. Дел се грант од ЕУ, а дел од буџетот на Државни патишта. Оттаму информираат дека на автопатот ќе се постават патарини.

Според надлежните, проектот е од големо значење, особено од економски аспект, бидејќи годишната трговска размена меѓу Македонија и Косово изнесува околу половина милијарда евра.

Надлежните информираат дека кон крајот на месецов ќе биде пуштен во употреба и автопатот Миладиновци-Штип.