Македонија
11. May 2019 - 14:47

Авто Плус Стрит Шоу – Изложба на автомобили во Скопје

Вљубениците во автомобилите денеска имаат можност да погледнат стотина модели автомобили од петнаесетина брендови на изложбата Авто Плус Стрит Шоу, што се одржува на булеварот Илинден, на потегот од Зоолошка градина до Детскиот културен центар „Карпош“.

-По 13 години без саемска манифестација во автоиндустријата, во Скопје конечно се одржува изложба на автомобили. Главната цел е да се приближат еколошките и технолошките достигнувања до граѓаните, како и да се презентираат нови дизајни и карактеристики, сево ова во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот. Авто Плус Стрит Шоу денеска ќе претстави над 100 модели автомобили, а на мое огромно задоволство ќе видиме и целосно електрични и хибридни модели, рече градоначалникот на Петре Шилегов кој ја отвори денешната изложба.

Тој додаде дека Град Скопје работи на стимулирање на граѓаните да купуваат електрични автомобили преку обезбедување просторни услови за полнење.

-Дополнително обезбедивме бесплатно паркирање на местата означени за полнење електрични автомобили, додека се полнат. Поставени се осум полначи на територијата на Скопје и уште седум полначи се во постапка на поставување. Полнењето на автомобилите на овие полначи e бесплатно. На пазарот во Скопје се почесто среќаваме продажба на електрични велосипеди, скутери и тротинети. Возниот парк на Град Скопје освен електричен автомобил, вбројува и електрични скутери и велосипеди кои градската администрација редовно ги користи, нагласи Шилегов.

Освен автомобили, посетителите на изложбата денеска имаат можност да погледнат и да се запознаат со новите производи од придружната индустрија – гуми, акумулатори и автогалантерија. Изложбата е во организација на најстарата и водечка месечна автомобилска ревија во македонскиот медиумски простор – Авто Плус.