Свет
26. July 2019 - 10:45

Австриската полиција распиша потерница за руски шпион

Австриската полиција распиша потерница за Русинот Игор Егорович Зајцев, кој е осомничен дека во Австрија шпионирал за руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Државното обвинителство во Салцбург издаде налог за апсење поради сомнеж дека е поврзан со оддавање државни и воени тајни.

Полицијата и обвинителството не сакаат да соопштат детали во врска со овој случај, но медиумите го поврзуваат со шпионажа, поради што е уапсен еден пензиониран офицер на австриската војска од Салцбург. Овој 70-годишен маж се наоѓа повеќе месеци во истражниот затвор во Салцбург.

Тој пред пензионирањето работел во Одделот за структурно планирање при Министерството за одбрана, а осомничен е дека од 1992 година до есента минатата година илегално набавувал информации за руската ГРУ.

Издадената потерница укажува дека пензионираниот полковник признал со кого соработувал, односно кој бил офицерот за врска со ГРУ.

Претходно, е објавено дека постојат информации оти Австриецот за оддавање на тајните во една прилика добил 30.000 евра, а се претпоставува дека во текот на своето долгогодишно делување заработил повеќе стотици илјади евра.