Живот
3. December 2021 - 8:16

Австралијците најмногу склони кон злоупотреба на алкохол

– Ново истражување на светско ниво спроведено од Центарот за глобални истражувања на лекови (Global Drug Survey – ГДС) покажува дека во 2020 година, Австралијците биле најмногу склони кон злоупотребата на алкохол ширум светот, објави БГНЕС.

Кралскиот универзитет за технологија на Мелбурн, којшто ги спроведе испитувањата за Австралија, како дел од светското истражување на ГДС, соопшти дека Австралијците се на врвот на листата чести алкохоличари поради долгиот карантин од март 2020 година.

– Можно е ова затворање дома да е поврзано со тоа, иако очигледно културата на пиење исто така игра улога, рече Моника Барат, Раководителка на ГДС – Австралија.

Таа забележува дека речиси четвртина од Австралијците кои злоупотребуваат алкохол (24 отсто), жалат поради тоа.

Во истражувањето учествувале повеќе од 32.000 испитаници од 22 земји ширум светот. Податоците покажуваат дека просечниот Австралиец се опива околу 27 пати годишно, луѓето во Данска и Финска – 23,8 пати, САД – 23,1 пат, Обединетото Кралство – 22,5, Канада – 22, Ирска – 20 пати. Трудот ја дефинира алкохолната интоксикација како – пиење доза алкохол што ги намалува менталните и физичките способности и го спречува лицето да одржува рамнотежа, да се концентрира и да зборува јасно.

Жителите на Мексико (деветпати годишно), Нов Зеланд (10,3), Германија и Романија (10,6 за двете земји) и Шпанија (10,8 пати) имале најмала стапка на злоупотреба на алкохол во текот на годината.

Кај учесниците во истражувањето кои претерале со алкохол, вкупно во 21 отсто од случаите се каеле за тоа. Интоксикацијата најчесто е предизвикана од брзото внесување на големи количини на алкохол. Втората најнесреќна причина е одлуката да се измешаат неколку пијалаци, а третата е изборот на друштво.