Свет
17. October 2017 - 11:40

Австралија воведе алатка за жртвите на т.н. одмазничко порно

Австралија воведе национална алатка, наменета да им помогне на жртвите на „одмазничко порно“.

Одмазничко порно или злоупотреба базирана на слики, е споделувањето на експлицитни слики без согласност на личноста која е на нив.

Алатката на австралиската Влада, всушност е национален портал, кој обезбедува совети за тоа како да бидат отстранети спорните слики, известување на властите за злоупотребата  и почнување правна постапка.

Австралискиот комесар за еБезбедност изјави дека 20 отсто од Австралијанците на возраст меѓу 16 и 49 години биле изложени на злоупотреба на нивни експлицитни слики на Интернет. 

Австралискиот министер за комуникации Мич Фајфилд соопшти дека 4,8 милиони долари се вложени во порталот, за кој изјави дека е прв од таков вид во светот. Такви портали има повеќе, но најчесто тие се дело на невладини организации. Фајфилд, исто така, соопшти дека Владата размислува за воведување граѓански казни за сторителите на вакви дела и за веб страниците кои ги објавуваат спорните слики.

Одмазничкото порно е нелегално во Велика Британија, Канада, Нов Зеланд и Јапонија, како и во повеќето американски држави.