Свет
28. November 2021 - 11:46

Австралија потврди дека двајца патници од Јужна Африка се заразени со сојот омикрон

Австралиските власти денеска соопштија дека го потврдиле присуството на сојот омикрон на коронавирусот кај двајца патници од Јужна Африка кои пристигнале во Сиднеј.  

Здравствената управа на австралиската држава Нов Јужен Велс објави дека извршила итни тестови кои го потврдиле присуството на овој нов вид на вирус кај двајцата патници кои вчера пристигнале во Сиднеј. „Тие пристигнаа со лет на „Катар ервејс“ преку Доха, соопшти Управата. Двете лица биле позитивни на Ковид-19, се покажало веднаш по пристигнувањето, кога била направена дополнителна анализа за да се утврди дали тие го носат новиот сој на вирусот – омикрон, што првпат е откриен во Јужна Африка.

„Двата позитивни случаи, кои се асимптоматски, се изолирани во посебни простории. Двете лица се целосно вакцинирани“, соопшти австралиската здравствена управа. Уште 12 патници од Јужна Африка кои патувале со истиот авион, сега се во карантин, иако не покажале позитивен тест за Ковид-19, соопшти управата. Околу 260 патници и членови на екипажот од летот, исто така, се повикани да се изолираат.