Балкан
1. September 2016 - 14:44

Аврамопулос и Челик со различни ставови за визната либерализација на Турција

Еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос оцени денеска дека Анкара постигнала напредок, но тоа не е доволно за визна либерализација, додека турскиот министер за европски работи Омер Челик истакна дека Турција нема да го примени договорот за мигранти ако ЕУ не ги укине визите за нејзините граѓани. 

На заедничка прес-конференција во Анкара Аврамопулос истакна дека Турција остварила напредок кога станува збор за договорот кој обезбедува визна либерализација за турските државјани, но Анкара се уште треба да оствари некои критериуми пред неговата примена.

- ЕУ е подготвена да и помогне на Турција да ги исполни и последните детали од договорот, со цел да добие визна либерализација многу брзо, нагласи еврокомесарот, без да прецизира временска рамка.

Од друга страна, турскиот министер Челик изјави дека Турција нема да го применува договорот со ЕУ доколку не добие визна либерализација. Тој додаде дека Анкара се обврзала на договорот со Брисел во март и ги има исполнето сите свои обврски.

Турција и ЕУ постигнаа договор, според кој Анкара треба да го контролира мигрантскиот бран во Европа, а за возврат, меѓу другото, да добие визна либерализација.