Свет
7. September 2015 - 17:52

Аврамопулос ги повика земјите од ЕУ да го поддржат новиот план за бегалските квоти

Европскиот комесар за миграција Димитрис Аврамопулос ги повика денеска земјите-членки на Европската унија да го поддржат новиот план на Европската комисија за бегалски квоти.

- Ниту една земја членка на ЕУ сама не може да се справи со овој проблем. Можеме да ја надминеме оваа криза само доколку дејствуваме како една вистина унија, нагласи Аврамопулос за време на посетата на Австрија, каде со претставници на властите разговара за приливот на мигрантите.

Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер во Европскиот парламент в среда ќе ги претстави официјално бегалските квоти.

Во меѓувреме ЕК го заврши планот со кој товарот за згрижување на бегалците би бил рамномерно распореден меѓу земјите-членки, но кој останува да се види дали ќе биде прифатен. 

Во седиштето на Комисијата во Брисел денеска е најавено дека комесарите формално ќе го усвојат планот на утрешниот состанок.

Иако претставниците на ЕК денеска не сакаа јавно да говорат за деталите на планот, светските агенции од неофицијални извори дознаваат дека со него е предвидено преместување на околу 160 илјади бегалци, кои во најголем дел се наоѓаат во Грција и Унгарија, но и во други земји-членки на Унијата. 

Во зависност од големината, богатството и капацитетот, сите земји-членки според планот би морале да примат одреден број бегалци, а за надомест би требало да добијат по шест илјади евра за лице од фондовите на ЕУ. 

Оние земји кои ќе одбијат да го примат одредениот број бегалци ќе мораат за секој, кој не го примиле да уплатат иста сума во посебен фонд на ЕУ.

Со планот е предвидено најмногу бегалци да примат Германија (околу 40 илјади) и Франција (30 илјади), а најмаку Кипар и Малта (нешто повеќе од 400). На ниту една земја-членка нема да и биде дозволено да бира да ги дискриминра бегалците според вероисповест, степенот на образование и според други лични карактеристики.   

Освен тоа ниту бегалците нема да можат да бираат во која земја ќе се населат, а доколку одбијат каде ќе бидат распоредени им се заканува одземање на правото на азил и депортација во земјата од која потекнуваат. 

Велика Британија и Ирска, кои не се членки на Шенген договорот, не се вклучени во овој план, иако британскиот премиер Дејвид Камерон најави дека неговата земја е подготвена доброволно да прими десет илјади бегалци.