Македонија
3. October 2016 - 15:48

АВМУ: Работиме професионално и непристрасно без оглед на притисоците

Крајно непрофесионално е радиодифузерите за коишто е покрената прекршочна постапка за изрекување мерка да ја инволвираат Агенцијата аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на каков било начин  во процесот на одлучување за изрекување мерка, наведува  АВМУ во реакција на, како што соопштува, притисоците врз Агенцијата поради изборниот мониторинг. 

Агенцијата нагласува дека својата работа секогаш ја вршела професионално, непристрасно и принципиелно и оти ќе продолжи да работи на истиот начин, без оглед на, посочува, притисокот што се врши и врз регулаторот и врз вработените. Истото треба да го прават и медиумите и објективно да ја информираат својата публика за тековните настани и случувања, без притоа да и натураат ставови и мислења, наведува АВМУ. 

Според посоченото во реакцијата, од почетокот на мониторингот на медиумското известување во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември зачестено се вршеле притисоци врз Агенцијата, а особено по изрекување на првите мерки за прекршувања на Изборниот законик.

Агенцијата појаснува дека изрекува мерки на радиодифузерите коишто го прекршиле Изборниот законик, исклучиво по предлог на петчлената Привремена комисија за следење на медиумското претставување, именувана согласно последните измени на Изборниот законик. За својата работа Комисијата едногласно донесе Деловник за работа, според кој одлучува со мнозинство гласови. До Комисијата се доставуваат сите извештаи од мониторингот спроведен од Агенцијата и тие не содржат оценки за балансот во известувањето, туку, овојпат, согласно Изборниот законик, тоа е работа исклучиво на Комисијата, соопштува АВМУ и додава дека сите членови на Комисијата  имаат пристап до снимките од емитуваната програма на радијата и телевизиите и можат самостојно да ги проверат сите наводи од извештаите.

АВМУ во реакцијата нагласува дека цензурата во Македонија е забранета со Устав.

- Да беше изборната регулатива во Македонија противуставна – тоа досега веќе ќе беше нотирано во некој од извештаите на странските набљудувачки мисии низ текот на годините. Оттаму, да се тврди дека регулативата, признаена во европскиот радиодифузен простор, е цензура може да значи само две работи – или некој не сака да ги почитува правилата на игра, или некој воопшто и не ги ни знае, се вели во реакцијата.