Македонија
16. July 2018 - 15:50

АВМУ ќе распише конкурс за верско радио во општина Струмица

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) донесе одлука за објавување јавен конкурс за непрофитно радио кое ќе емитува програма со верска содржина за христијанското население на македонски јазик за територијата на Општина Струмица. Ова е првпат Советот на АВМУ да даде дозвола за медиум што речиси целосно ќе има програма со верска содржина.

Како што беше истакнато на денешната седница, до нив биле доставени две барања и тоа од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и од организацијата Марија Македонија за радио фрекфенција за емитување ваква програма. АВМУ направила студија за тоа дали има потреба за тоа, додека АЕК известила дека на територија на Општина Струмица има слободна фрекфенција. Врз основа на ова денеска Советот на АВМУ изгласа одлука за објавување јавен конкурс за непрофитно радио  кое ќе емитува програма со верска содржина за христијанско население на македонски јазик за територијата на Општина Струмица.

Миљаим Фетаи, член на Советот на АВМУ ја поздрави одлуката за медиум што целосно ќе емитува програма со верска содржина, која е прва ваква и е законска.

- И во минатото сме имале вакви брања и сме одлучувале така како што сме одлучиле, но со оваа дозвола можеби ќе имаме барања и од други верски заедници, рече тој. 

Јавниот оглас ќе биде објавен во два дневни весника деновиве. 

На седницата, Советот на АВМУ донесе одлука да ја прекине постапката за постоење недозволена медиумска концентрација по службена должност за АЛФА ТВ бидејќи новиот управител на телевизијата ги отстранил пречките.  

Членовите на АВМУ донесоа и одлука за изработка на Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за радиоемитување на државно ниво. Се работи за радио кое би емитувало програма претежно на албански јазик.