Македонија
15. April 2019 - 18:29

АВМУ го објави првиот извештај за кампањата, не се извествувало со голем интензитет

Во првите девет дена од кампањата, националните медиуми повеќе се концентрираа на активностите на претседателските кандидати, а некои од нив во вестите воопшто не известуваа за локалните избори или патем спомнаа некој од кандидатите. Две телевизии известуваа само за изборите во општина Дебар, покажува првиот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што го објави денеска.

Извештајот се однесува на начинот на известување на радиодифузерите во текот на изборната кампања за периодот од 1 до 9 април 2019 година. Со миниторингот биле опфатени вкупно 32 програмски сервиси, односно 15 програмски сервиси на национално ниво (13 ТВ и две радија), 17 регионални и локални телевизии.

Регионалните и локалните медиуми пак, според АВМУ, биле поконцентрирани на локалните избори за својата општина, но со мали минутажи, со исклучок на ТВМ со седиште во Охрид која во поголемиот дел од вестите информирала за активностите поврзани со кампањата за градоначалник.

-За претседателската кампања не се известуваше со голем интензитет, поради што може да се каже дека времето алоцирано за кандидатите не е доволно големо за да се извлечат оценки за тоа колку е почитуван принципот на еднаква распределба на времето меѓу тројцата кандидати, односно дали е постигнат баланс во известувањето. Сепак, наодите даваат индиции за тоа дали и како е запазен принципот на еднаквост, се вели во соопштението од АВМУ.

Нивната анализа утврдила неколку пристапи на известување во медиумите. Некои од нив настојувале да обезбедат еднаквост во распределбата на времето што го одвоиле заедно за кандидатите и за партиите кои ги поддржуваат, други настојувале да обезбедат приближна еднаквост на времето меѓу кандидатите.

-Кај некои од радиодифузерите преку времето може да се согледа разликата во интензитетот на кампањата на Блерим Река – било поединечно, било заедно со партиите кои го поддржуваат, додека кај некои медиуми помалото време за кандидатот Блерим Река, освен на интензитетот на неговата кампања, се должи и на разлика во пристапот – покуси прилози, без директни обраќања, што не е случајот со известувањето за останатите двајца кандидати, велат од АВМУ.

Практиката на ТВ Сонце да ги пренесува пред сè ставовите на политичката партија Македонска Алијанса, чиј претседател е сопственик на телевизијата, продолжила и во првите девет дена од кампањата.

Повеќето медиуми реализираале и посебни информативни емисии (интервју и/или дебати) посветени на изборите, а во останатиот дел од дневно-информативните емисии, вообичаено најмногу време се одвојувало за активностите на Владата.

Јавниот сервис МРТ1 и ТВ 24 Вести обезбедиле информации за лицата со оштетен слух, со тоа што на знаковен јазик се преведуваше еднодневно издание на вестите, како и дел од дебатите.

Првиот извештај за начинот на известување на радиодифузерите во текот на изборната кампања (01.04.2019 – 09.04.2019) е достапен на www.avmu.mk.