Свет
20. August 2019 - 14:15

Авион на „Ер Франс“ принудно слета во Луксембург

Авион „Ербас А319“ на авиокомпанијата „Ер Франс“ утрово принудно слетал во Луксембург поради „вонредни причини“.

Авионот полетал од московскиот аеродром Шереметјево кон парискиот „Шарл де Гол“, каде требало да слета по околу четири часа лет. Но, екипажот испратил сигнал за вонредна ситуација над реонот на Луксембург и се спуштил на луксембуршкиот аеродром.

Според „Ер Франс“, авионот без проблеми се приземјил во Луксембург и откако ќе биде извршена целосна техничка проверка ќе може да го продолжи летот кон Париз.

Засега не се соопштени никакви детали за вонредната ситуација на авионот.