Македонија
10. February 2019 - 16:07

Атина утре ќе ја извести Македонија дека ги завршила обврските од Преспа, Хан уверен дека по НАТО, државата ќе ја почне и евроинтеграцијата

Грција во понеделник ќе испрати вербална нота за да не информира дека ги исполнила своите обврски од Договорот од Преспа, потврди  алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалис. Тој во интервју за агенцијата АНА-МПА, ги објаснува следните чекори околу промената на уставотот име.

-„Во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име. И секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено“, објаснува Катругалис  нагласувајки дека државата од понеделник е обврзана да го користи новото име.

Лидерот на грчката опозциција Мицотакис, пак, во својот говор во Јаница, го повторил ставот дека за одбрана на грчките национални итереси се уште во опција е ново вето за македонските евроатлански интеграции.

Наспроти него, пак, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вели дека сигурен е евроатланскиот пат на идната Северна Македонија.

-Ако историскиот успех од Преспанскиот договор е придружуван од солидни реформи, а колку што гледам Владата напорно работи да го постигне ова, уверен сум дека земјите членки ќе дадат зелено светло за отворање на преговори веќе оваа година. Во прашање е и кредибилитетот на ЕУ, затоа што ако земјите кандидати исполнуваат, тогаш и ние мораме да ги исполниме нашите ветувања, изјавил еврокомесарот за МИА.

Русија, пак, смета дека темата за преименување на Македонија треба да се дискутира во Советот за безбедност на ОН, изјави  во интервју за ТАСС, рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Баздекин.

-“Ние поаѓаме од фактот дека Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН од 1993 година содржи директно барање до генералниот секретар на ОН да поднесе извештај до Советот за решавањето на прашањето за името на Македонија . Кога тоа ќе се случи, зависи од многу фактори , вклучувајќи технички и организациски“, вели амбасадорот.

Македонското министерство за надворешни работи вчера информираше  дека владата деновиве во Службен весник ќе треба да го објави датумот кога во сила ќе влезе новото уставно име Република Северна Македонија. Потоа Атина и Скопје преку заедничко писмо ќе се обратат до Обединетите нации дека во сила е Конечната спогодба за решавање на деценискиот спор. Северна Макеоднија, пак, ќе треба да ги извести и државите и меѓународните организации за настанатите промени.

Во меѓувреме, за во четвртокот се најавува ратификација на протколот за НАТО од срана на Албанија, а скорешни ратификации најавија и од Бугарија и Словачка.