Живот
6. February 2020 - 18:48

Атиџе и гледаше на кафе на Сара Џесика Паркер и го шармираше Холивуд

Атиџе Муратова, ѕвездата на „Медена земја“, ќе биде можеби најживописната личност што в недела ќе се појави на доделувањето на Оскари, каде што македонскиот документарец „Медена земја“ има две номинации. До победата на филмот на Санденс пред една година, Атиџе живееше во земјена колиба без струја и вода во зафрлена област во Македонија, а сега е славна личност и во Холивуд, пишува агенцијата Франс прес.
 
Сега, тоа е првиот филм во историјата кој добил номинации за Оскар во две категории – најдобар документарец и најдобар странски филм, а Атиџе стана славна личност која холивудските ѕвезди ја застануваат на улица.
 
„Сара Џесика Паркер беше многу возбудена што ја сретна Атиџе откако го гледала филмот. Атиџе ѝ предвиде иднина гледајќи ѝ на кафе“, вели продуцентот Атанас Георгиев.
 
Кога Атиџе заминала за Скопје да го проба фустанот што ќе го носи на свеченоста во Лос Анџелес, ѝ требале 20 минути за да помине 200 метри, бидејќи толку многу луѓе сакале да се сликаат со неа.
 
„Луѓето ја сакаат. Таа стана ѕвезда. Немаме избор освен некако да се носиме со тоа. Антрополошки, не би требало да го правиме тоа, но имаше голем притисок од јавноста во Македонија таа да оди на Оскарите“, додаде Георгиев.
 
Контрастот не може да биде поголем, имајќи предвид дека Атиџе досега живееше осамено во селото Бекирлија, каде што собираше мед од диви пчели, но секогаш само половина. Екипата на филмот во меѓувреме ѝ помогна да добие нов дом, блиску до нејзините роднини во „најблиското село до цивилизацијата“. Формираната е фондацијата „Медена земја“ за неа, за семејството Сам, како и за пошироката заедница, а интернет донаторите откупуваат дел од „био медот“ кој го произведува таа.
 
„Таа е остроумна, интелигентна и зборува четири јазици од различни јазични групи – турски, македонски, албански и влашки. Голем дел од успехот на филмот се должи на прекрасното срце на Атиџе“, вели Георгиев.
 
Георгиев вели дека голема заслуга за феноменалниот успех на филмот има „прекрасното срце“ на Атиџе. Но тој вели дека им помогнала и магијата од нејзината мајка „кралицата пчела“ на филмот.
 
„Мислам дека ни направи некаква магија за да внимаваме на нејзината ќерка откако ќе почине“, вели тој.