Македонија
25. October 2018 - 14:12

Асфалтиран патот до виничкото село Грлани

Локалната самоуправа на Виница го заврши проектот за изградба и асфалтирање на локалниот пат до селото Грлани за што беа вложени осум милиони денари.

Со инвестицијата е комплетирана делница од два километра со која се обезбедува поврзување на ова населено место со соседното Трстија, со што особено ќе се олесни пристапот на учениците до подрачното училиште.

-Со патот се поврзуваат планинските маала Петревци и Бељовци со училиштето во Грлани и е еден од трите инфраструктурни проекти со кои општина Виница аплицираше до Светска банка. Нашето кофинансирање е 25 отсто од вредноста на инвестицијата, со која освен асфалтирањето изградивме и соодветни пропусти за атмосферската вода и останата придружна инфраструктура, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Асфалтирањето на патниот правец до Грлани отвора перспективи во развојот на планинските рурални подрачја во општината, особено за изградба на викенд населби, развој на пчеларството и сточарството, а има и голем потенцијал за инвестирање во селскиот туризам.