Македонија
5. March 2019 - 13:20

Арсовски:Тевдовски и Заев пред избори ќе ја задолжат државата за нови 130 милиони евра

Дали власта се задолжува над 130 милиони евра со цел изборна корупција. Каде ќе завршат милионите на граѓаните на Република Македонија кои треба да ги враќаат истите со камата? Дали истите се наменети за изборен поткуп исто како сите оние вработувања кои што во моментов се реализираат?

Спиралата на задолжување веќе не може да запре. СДСМ ја води државата кон инсолвентност. Само за две години колку што се на власт го зголемија јавниот долг за над половина милијарда евра со што истиот надмина пет милијарди евра и е над 50 проценти од БДП.

СДСМ се задолжува, а граѓаните воопшто не знаат за што одат и се трошат парите. Две години власта нема ставено камен на камен, или изградено барем една педа автопат. Еден проект не е направен, една улица не е асфалтирана, граѓаните газат во кал. Никој не знае каде одат милијардите, кои утре сите граѓани на Република Македонија ќе ги враќаат со високи камати.

Пред да дојдат на власт СДСМ ветуваа дека ќе го намали задолжувањето, сега откако се власт, не само што не го намалија туку и енормно го зголемија. Со оваа темпо на задолжување државата се движи кон границата на инсолвентност, што за многу кратко време ќе предизвика државата да има проблем со отплаќање на долговите.

Задолжувањето како инструмент за финансирање е дозволиво единствено само доколку со него се извршуваат капитални инвестиции. Во моментов знаеме дека нивото на капиталните инвестиции е многу ниско. СДСМ во изминативе две години не направи ниту еден инфраструктурен проект. Нивото на реализација на капитални инвестиции минатата година изнесуваше очајни 65 проценти, од она што го предвиде владата, што е најниско ниво до сега забележано, истата пракса продолжува и оваа година, имено во јануари нивото на реализација на капитални инвестиции изнесува само 1 процент, што е доволен показател дека и оваа година, исто како и минатата нема да има ниту еден капитален проект.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка на законот за јавното обвинителство ?

Како што знам денеска поминал законот за СЈО во Влада. Треба да оди во Собранието така да ние ќе треба да го погледнеме. Нашите правни експерти да го погледнат законот и веднаш потоа ќе излеземе со став, нормално по тоа прашање. Досега знаеме дека СЈО беше само предмет инструмент за уцени и политички прогон, така да не се сомневаме дека и понатака би било истото меѓутоа сепак да го добиеме законот, да го разгледаат, да го погледнат нашите правни експерти, да се разговара на него низ партиските тела. Веднаш потоа ќе излеземе со конечен став.

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ