Македонија
14. February 2020 - 14:38

Арсовски: Заев брза со законот за ЈО, за снимките со кои се открива соработката со Боки да не бидат докази

Зоран Заев кој коментира се и сешто во Република Македонија, два дена се крие и се обидува да дефокусира од скандалозното аудио кое што беше презентирано во Собранието на Република Македонија. Самиот факт што Зоран Заев молчи, покажува дека тоа што јавноста го слушна е всушност неговиот глас. На оваа снимка се слуша како тој објаснува дека знае како се финансирала телевизијата на Бојан Јовановски Боки 13, знаел за сомнителните зделки со бизнисмени со старечки домови преку Меѓународниот Сојуз, па дури и признава дека тој и неговата партија го помогнале финансирањето на провладината телевизија како што самиот милува да каже со наводни маркетинг услуги.

Ова е огромен скандал и обвинителството на Русковска и Јовевски не може да останат глуви на целиот скандал, колку и да им е при срце Зоран Заев. Дотолку повеќе што за работењето на Меѓународниот сојуз постои истрага во обвинителството токму за финансирањето на проектите за старечки домови за кои постојат сериозни индиции дека Заев бил информиран и бил во тек за целиот тој процес. Заев очигледно знаел, но молчел, а постои основано сомнение дека ги помагал овие сомнителни дејности на Боки 13 преку кои се изнудувале милионски суми евра за наводно рекламирање. И премолчувањето и помагањето на криминал е кривично дело секаде во светот, а и тука во Република Македонија.

Сега веќе станува јасно кој бил главата на рекетарскиот октопод. Ние тоа одамна го говоревме, сега стана јасно и се потврди. Сега станува јасно зошто Зоран Заев безглаво брза да донесе закон за јавното обвинителство кој што ќе му овозможи амнестија и со кој вакви и слични снимки нема да може да се земаат како докази во постапките. Замислете, Заев кој сам се прогласи за бомбашот од Македонија, сега бега како ѓавол од темјан од бомбите. Затоа знаат сите дека кој со бомби дојде на власт со бомби политички ќе загине и ќе си отиде. Шверцерските закони како овој за јавно обвинителство се последниот обид на Зоран Заев да се амнестира за сите криминали кои се направени во овие три години откако е на власт СДСМ и откако го има мандатот.

Веќе еднаш аболицираниот, поранешен премиер и никогаш повторно премиер Зоран Заев, кој се извлече и за случаите „Поткуп“ и „Пуч“, сега се обидува да се спаси по кој знае кој пат за најголемиот случај на рекетирање „Рекет“. Ама нема да му успее. 12 април е денот од кој Заев панично се плаши и бега, бидејќи после тој ден следи обновата на Македонија, но и одговорноста за целото криминално работење на Зоран Заев и на оваа влада на СДСМ.

Времето истекува. Заев може да бега, но нема да побегне од правдата. Следува 12-ти април, ќе поминат изборите и подоцна секој ќе сноси одговорност за направеното.